По повод 10-ти октомври , Светскиот ден посветен на менталното здравје во ООУ “Христо Узунов” се одржаа низа на настани под мотото “Сите рани не се видливи”. Целта на активностите кои ги подготвија учениците со нивните ментори беше да се нагласи важноста на менталното здравје и да се подигне свеста за проблемите кои произлегуваат кога е нарушено. Наставниот кадар редовно дава придонес кон зголемување на едукацијата на темата и искоренување на стигмата околу истата.
За потребите на училишната приредба, под менторство на педагогот, психологот и дефектологот од училиштето, се спроведе анкета помеѓу учениците за да се провери нивната информираност за менталното здравје, учениците презентираа значајни факти за причините на нарушување, симптомите и начините на решавање на проблемите и преку драматизации се визуелизираа чести ситуации од училиштето и домот кои влијаат на менталното здравје.
На часовите по одделенска заедница, ликовно образование, мајчин и странски јазици се спроведоа интерактивни работилници. Целта на истите беше учениците да ги препознаат своите различни емоции и симптомите преку кои ги манифестираат, да научат модели за позитивна комуникација која ќе послужи при решавање на конфликти и да се запознаваат со различни начини на справување со чувствата во насока на подобрување на менталното здравје. Како резултат на активностите за социо-емоционално подучување произлегоа ликовни и литературни творби под наслов “Јас и сите мои лица”, пораки и постери на различни јазици.
Наставниот кадар од училиштето, како најзначајна алка во образовниот процес не беше изоставен. Потсетивме дека и нивното здравје е еднакво важно.
Овојпат, за нив се одржаа зумба часови под водство на наставничките по физичко образование.
Во продолжение погледнете ја галеријата која ќе долови дел од активностите и атмосферата