Посета на Национален парк Галичица – “Истражувачка авантура на седмоодделенците од ООУ Христо Узунов”-Охрид
Во рамките на програмата за искуствено учење (МИУ), триесетина ученици од седмо одделение предводени од наставничката по физика Вера Зороска, а придружени од психологот Ивана Трпеска го претворија Националниот парк Галичица во вистинска училница на отворено.Оваа посета не беше само прошетка низ природата – таа претставуваше вистинска научна експедиција, каде младите истражувачи ги споија знаењата од училницата со практични активности на терен.
Учениците спроведоа истражувања за квалитетот на воздухот и се запознаа со факторите кои влијаат врз загадувањето на животната средина. Со помош на едноставни инструменти и протоколи за мерење, тие собираа податоци, ги анализираа резултатите и дискутираа за значењето на чистиот воздух за здравјето и за одржливиот развој.
Активностите беа организирани според принципите на искуствено учење – учениците сами поставуваа прашања, истражуваа, набљудуваа и извлекуваа заклучоци. На тој начин, науката стана блиска и разбирлива, а природата – најдобрата училница.
Оваа посета не само што ја збогати наставата по наставните предмети од природни науки, туку и ја зајакна свеста кај учениците за важноста на еколошката одговорност и за улогата на секој поединец во заштитата на нашата околина. Националниот парк Галичица остана во нивните сеќавања како место каде што учењето се претвори во авантура, а авантурата – во знаење.
Голема благодарност до МИУ, до НП Галичица и до едукаторите Надица и Сара, за нивната непосредност и целокупната ангажираност во процесот на учење.
Мрежата за искуствено учење (МИУ) е заедница на научно-едукативни установи профилирани во области на природните науки која осмислува и спроведува искуствени воннаставни активности за совладување научни концепти и проблеми за учениците од основното и средно образование. Во фокусот на овој потфат од национално значење се популаризација на природните науки, кревање на свесноста за важноста на заштитата на животната средина и намалување на влијанието на климатските промени човекот врз природата.
Наставничката по физика Вера Зороска, во периодот од 17 до 19 март учествуваше на тридневна обука организирана од Македонското еколошко друштво (МЕД), во рамките на проектот „Проширување и одржливост на Мрежата за искуствено учење“. Преку интерактивни сесии, практична работа и групни активности, наставничката се запозна со современи методи за искуствено учење кои ја поврзуваат наставата со реални појави и едноставни експерименти. Стекнатите знаења и вештини ќе бидат применети во наставната практика и споделени со колегите и учениците во училиштето, со цел унапредување на квалитетот на наставата и поттикнување на истражувачкиот дух кај младите.
Во прилог ви ги претставуваме следниве фотографии:
