МИО активности
Ден на пријателство и културна размена
Ученици од седмо, осмо и деветто одделение од збратимените училишта ООУ „Христо Узунов“- Охрид и ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“- Центар Жупа, на ден 31.10.2025 година, споделија вредности, култура и идеи.
Повеќе од 40 ученици од двете збратимени училишта учествуваа во посебен ден посветен на меѓукултурно учење и градење пријателства, во рамките на заедничкиот проект за меѓуетничка интеграција, развој и унапредување на мултикултурализмот.
Денот започна со динамични игри за запознавање –„Најди го својот балон“ и „Бинго на пријателство“, кои создадоа весела атмосфера и поттикнаа нови контакти.
Потоа следуваа четири активности, секоја со своја порака:
-
„Јас сум, ти си, ние сме“ – откривање лични вредности и културни обележја.
-
„Кујна на културите“ – споделување традиционални јадења и нивното значење.
-
„Мапа на пријателство“ – визуелно прикажување на заеднички интереси преку симболи.
-
„Тимски предизвик – Реши проблем“ – тимска работа на предизвикот „Отпад во училиште“ и предлагање решенија.
На крајот, сите ученици заеднички изработија постери во врска со своите активности, претставувајќи ги своите идеи и пораки на креативен и инспиративен начин.
По интересната и напорна работа, следеше прошетка низ стариот дел на градот Охрид, каде гостите имаа можност да се запознаат со културните вредности и убавините на градот.
Овој ден донесе многу насмевки, нови пријателства и креативни решенија. Учениците научија дека различностите нè збогатуваат, а сличностите нè поврзуваат, и дека преку соработка можат да создадат подобра училишна заедница.
На средбата присуствуваа и претставници од двете училишта.
Одговорен наставник за реализација на проектот-Вера Зороска.
А што навистина работеа учениците….
Заедничка активност од МИО: „Јас сум, ти си, ние сме“
Учениците од двете збратимени училишта реализираа заедничка вежба за подобро запознавање и градење пријателства. Работеа на Работен лист: „Јас сум, ти си, ние сме“, каде секој ученик ги пополни речениците за себе, а потоа ги спореди со партнерот од другото училиште.
Преку оваа активност учениците:
- ја истакнаа својата гордост, семејни традиции и омилени зборови,
- споделија моменти во кои најмногу уживаат,
- открија сличности и разлики меѓу нивните вредности и културни обележја.
Вежбата донесе многу насмевки и нови пријателства, а учениците научија дека различностите нè збогатуваат, а сличностите нè поврзуваат.
Заедничка активност од МИО: „Кујна на културите“
Учениците од збратимените училишта ја реализираа вежбата „Кујна на културите“, со цел да ги споделат своите традиционални јадења и значењето што тие го имаат во семејството и културата.
Преку работниот лист учениците:
- опишаа традиционално јадење од својата култура,
- наведоа кога се јаде – дали за празник или секојдневно,
- објаснија што значи тоа јадење за нив и нивното семејство,
- додадоа цртеж или симбол за да ја претстават културната вредност.
Активноста донесе богата размена на вкусови и приказни, а учениците открија дека храната е мост што ги поврзува различните култури и создава чувство на заедништво.
Заедничка активност од МИО: „Мапа на пријателство“
Учениците од збратимените училишта ја реализираа активноста „Мапа на пријателство“, со цел визуелно да ги прикажат своите заеднички интереси и вредности.
Преку работниот лист тие:
- избраа симболи што претставуваат музика, спорт,мир, обичаи и игри,
- запишаа кој ученик го предложил секој симбол,
- заеднички ја нацртаа својата мапа на пријателство.
Активноста им помогна да откријат колку многу работи ги поврзуваат, а симболите станаа мостови на разбирање и пријателство меѓу учениците.
Заедничка активност од МИО: „Тимски предизвик – Реши проблем“
Учениците од збратимените училишта работеа во мешани тимови на предизвикот „Отпад во училиште“. Целта беше преку тимска работа да се најдат идеи за подобрување на училишната средина.
Преку работниот лист тие:
- дискутираа за проблемот со отпадот,
- предложија конкретни идеи за негово решавање,
- распределија задачи во тимот – кој што ќе направи,
- подготвија постер за да го претстават своето решение.
Активноста ги поттикна учениците да размислуваат креативно, да соработуваат и да преземат одговорност за заедничкиот простор.

