ПРАВЕДНА НАГРАДА, ПРАВЕДНА КРИТИКА

Родителите ,ногу често грешат очекувајки децата да постигнат врвни резултати по секој училишен предмет, не размислувајки воопшто дека детето можеби на едно подрачје би можело да биде послабо,а на друго посилно.За тој што со месеци добивал три минус,четворката е огромно достигнување.Секако дека треба да се земат предвид и сложеноста на задачата и способноста на детето.Родителите,  исто така многу грешат кога детето ќе го пофалат за нешто додека притоа всушност мислат дека резултатот би можел да биде и подобар. Детето тогаш ќе научи дека баш и не е потребно премногу да се труди бидејки и за најмал труд ќе биде обилно пофалено. Значи, на детето поставувајте му умерени барања,немојте да претерате.Немојте да ги фалите само резултатите,туку и трудот.Најефектна е неочекуваната пофалба, одобрувањето на кое детето не сметало, тоа долго се памети. Нагласете ја прво завршената работа и вложениот напор, а дури потоа резултатот.

Кога сакате да го пофалите детето,најдобро е да ја нагласите првенствено завршената работа и вложениот труд, а дури потоа резултатот- накусо, се што и претходело на високата оценка – за детето да стане свесно за важноста на сопствениот труд и вложените напори. Тоа е важно за создавање на динамична претстава за себе, на пример ,,Супер е што си се сетил како со помош на картичките да смислуваш зборови,,.

Кога го наградувате детето исполнувајки му некоја желба или давајки му награда за успехот на училиште, објаснете му дека здобивањето корисни знаења е само по себе најдобрата и всушност, единствената награда. Нагласете дека вие со својата награда само сте сакале да покажете колку ги цените неговите резултати и труд. Детето треба да се одушевува од сопствените достигнувања, а не со вашите подароци.

Особено ефектно делуваат не толку материјалните награди, колку пријатните заеднички дружења на децата со родителите, на пример, посета на зоолошка градина или непланиран фудбал со тато. Важно е наградата, колку е тоа можно, да одговара на постигнувањето, така што во помнењето на детето да остане позитивна врска.

Во учењето и во секојдневниот живот не оди секогаш се мазно. Собата повторно не е раскрената, домашната работа е направена на брзина, а на тестовите дома се носат тројки. Во тој случај на детето може и треба да му се приговори. Незадоволството треба да го изразите кога за тоа имате оправдани причини и колку што е тоа можно со умерен тон. Објаснете му на своето дете дека критиката не треба да ја толкува како помалку да го сакате. Вашиот однос треба да биде јасно формулиран, соодветен на ситуацијата и никогаш не понижувајки ја личноста на детето. Немојте да кажете: ,,Ти никогаш не ја раскреваш твојата соба,Ти си неуреден,,.Подобро е да кажете: ,,Го прекрши нашиот договор и не ја раскрена собата. Ме растажи,,.Категоричните и понижувачки изјави како: ,,Ништо не си способен да сватиш и немаш никаков талент за математика,, влијаат погубно за детето. Таквите коментари го уништуваат чуството на детето за сопственото достоинство. Многу подобро влијаат зборовите: ,,Формулата што си ја применил е правилна, но треба уште еднаш да го провериш резултатот,,. Ако детето постојано носи лоши оценки, треба да се истражат причините за тоа: ,,Мислам дека предоцна почна да се подготвуваш за тестот.Можеби во тоа е работата,,. Објаснете му на детето дека проблемот не лежи во недостигот на способност, туку во тоа што не вложило доволно труд.

Да се биде родител не лесно. Но со праведна награда и праведна критика ќе го разбудите сопствениот внатрешен поттик кај детето- најголемата мотивирачка сила.

Психолог Благородна Степановска