Патронен празник ООУ „Христо Узунов“ – Охрид 2026 година

0
Соопштенија
24.04.2026 година  49 години постоење, растење, развивање, неуморна и посветена работа на ООУ Христо Узунов.
Главниот настан за одбележување на годишнината, се одржа на 23.04. 2026 со свечена прослава, посветена на нашиот Патрон Христо Узунов, со силна тема: “Корени што држат, крилја што растат”.
Програмата ја отвори директорката на училиштето Марина Ѓоргоска, со говор во кој ја потенцира важноста на работата на наставниот кадар и нивното влијание во образовниот и менталниот развој на учениците, како и важноста на обликувањето на нивните личности за нивниот понатамошен живот и опстанокот на општеството.
Во културно-забавниот дел учествуваа:
– Ученици од 2ро одд. – под раководство на наставничките Елена Младеноска и Валентина Митреска
– Ученици од 5то одд. – под раководство на наставничката Катерина Златева
– Рецитатори: Ученици од 9то одд .под раководство на наставничката Оливија Пирузева Јанева
– Оркестар и соло песни под раководство на наставникот Славчо Китановски
– Хор: Ученици од 6то до 9то одд. – под раководство на наставникот Бојан Лушкоски
– Преведувач на знаковен јазик: ученичката Анамарија Христовска
– Техничка поддршка: наставничката Горица Дуцкиновиќ.
Во полната сала одекнуваа стихови, песни, ноти и танцови волшебни покрети кои ти го разнежнуваат срцето, ти ја растреперуваат душата, ти ја ежат кожата, ти измамуваат по некоја солза од окото…Тоа беа нашите вредни ученици…Нашата гордост…Сите тие…
Во секој изречен збор, во секој искажан и испеан стих, во секоја виртуозно исвирана нота, во секој танцов покрет е вткаено многу труд, голема одговорност, сериозност, многу љубов и верба во себе си дека можат, дека умеат, дека знаат … Многу почит, послушност и верба во своите наставници – нивните ментори, за што бескрајно сме им благодарни. Со нив се радувавме, со нив плачевме од среќа…затоа што беа наши ангели, наши души. До возрасните пренесоа силна порака дека Светот останува на младите и дека тие исправено стојат пред нив со срца што помнат и со раце што сакаат да градат…И свесни се дека никогаш не смеат да се откинат од корените кои ги држат, а тоа се нивните предци, нивното минато…Драги родители, бидете горди на овие златни деца…Синоќа нашето, но и Вашето срце беше преполно со гордост. Сигурни сме дека нашиот Патрон не гледа од својот вечен дом и се гордее со своите потомци.
На нашите ѕвезди им посакуваме најсветла иднина…❤️👏☘️
Нека ни е честит Патрониот празник