Авантурите на СМАрагдната Ада

0
Соопштенија

Неодамна од нашиот град Охрид, од нашето училиште Христо Узунов започна училишниот караван и едукативен проект: Инклузија на децата со невромускулни болести и друга моторна попреченост.
Учениците од V-4 одделение низ креативно и едукативно предавање се запознаа со болеста спинална мускулна атрофија и учествуваа на работилницата за презентирање на првиот стрип на македонски јазик за деца ,,Авантурите на СМАрагдната Ада“ кој зборува за животот на децата со СМА и за нивните секојдневни предизвици со кој се соочуваат. Целта на стрипот е да едуцира и да ја подигне свеста да се премостат разликите и да се прифати целосната инклузија на децата со спинална мускулна атрофија (СМА) во општеството. Форматот на стрип е избран за да ја привлече детската фантазија и на едноставен начин да ги пренесе важните пораки.
Учениците активно и заинтересирано го проследија претставувањето на стрипот од страна на присутните соговорници, учествуваа во работилницата и користејќи ја техниката ,,Туѓ чевел“ преку своите цртежи ги изразија чувствата за овие деца.
Во реализацијата на часот учествуваа наставничката Гордана Велјаноска, Гордана Лолеска од здружението „Ретко е да си редок“ , претставниците од Рош Македонија, а часот го следеше и директорката на нашето училиште Марина Ѓоргоска.
Нашето училиште уште еднаш покажа дека со поддржување и учество на ваквите активности се стреми кон отстранување на разликите со цел постигнување на состојба на вистинска инклузивност.